Почетна / Културни маршрути / Културен маршрут Преродбенските куќи раскажуваат

Куќата на Беровски

Се наоѓа во источниот дел на градот, во маалото „Аџундар“, на главната ул. „Цар Освободител“ бр. 189.
Куќата му припаѓала на Костандиј Беровски – четник на Илјо Војвода, познат јавен деец и писател. Негов брат е Димитар Попгеоргиев Беровски, национален револуционер, водач на Разловечкото востание. Зградата, со карактеристичниот преродбенски стил во градбата, распоредот и просторната композиција, е датирана во средината на XIX в. Се состои од приземје со камена ѕидарија и станбен дел со симетричен план. Композициски центар во распоредот на катот се двата салона, поврзани со скалило, а над влезот е ќошкот. Вкупниот просторен распоред опфаќа и по четири соби околу салоните. Фронтонот во форма на кобилица над ќошкот се одликува со декоративни елементи.

Емфиеџиевата куќа

Сместена е во маалото „Лозенец“ /дн. ул. „Гороцветна“ бр. 24 а/, населено претежно со трговци и занаетчии.
Куќата е изградена во 1874 г. и била сопственост на Христо Лазов – казанџијата, прв мајстор во еснафското здружение. Тој бил доселеник од Штип. Негов наследник е сопругот на неговата ќерка – Никола Емфиеџиев, кој тргувал со емфие, од каде што потекнува и името на куќата. Таа е еднокатна, со план во форма на буквата П, со полувкопани визби и дворни простори оградени со масивни камени ѕидови. Има застаклено претсобје, голем салон за гости, мал салон за попладневни посети, спална, дневна соба и кујна со трпезарија. Дневната соба, како и соседниот мал салон, се загреваат со камин „џамал“. Мебелот е од 20-тите – 30-тите години на XX в. За време на Руско-турската ослободителна војна во две од собите бил сместен штабот на IV улански харковски полк, под командата на ген.-мајор Мајендорф и полк. Виктор Иванович Ертел, потполк. Дазерновски. Североисточната соба е позната како „кабинетот на Ертел“. Има дрвен таван – стилизиран небесен свод со претстави на архангели.

Лекарската куќа

Се наоѓа на ул. „Трговска“ бр. 13, во старото преродбенско маало.
Куќата му припаѓала на Иванчо Христов Хеким. Меѓу ќустендилчани е позната како Лекарската куќа. Изградена е во 50-тите години на XIX в. од камен, дрво и варов малтер со слама, во сивосина боја. Се состои од камено приземје со двокрилна надворешна врата, спицерија /аптека/, сместена кон уличната фасада, и кат со силно истурени еркери над влезот. Југозападната соба во приземјето се загрева со џамал. Таваните на ќошкот и на горните соби /југозападната и југоисточната/ се украсени со геометриски стилизирани мотиви /во вид на сонце, дрвото на светот, асма-таван/, а во аглите – триаголни пандантиви со претстави на двоглави орли.

Прокопиевата куќа

Се наоѓа во близина на плоштадот Велбужд и црквата „Успение на Пресвета Богородица“, на ул. „Константинова бања“ бр. 26.
Таа е најстарата зачувана преродбенска куќа во градот, датирана од крајот на XVIII в., и му припаѓала на ахтарот /чорбаџија/ Давидко Јакович – трговец со стоки за домаќинството. Неговото име се споменува во училишната Кондика на гр. Ќустендил од 03.03.1846 г. Со текот на времето куќата се пренесувала по наследство. Денес нејзина сопственичка е Агнеса Прокопиева-Петрова, која живее во гр. Софија. Приземјето и катот се поврзани со надворешно скалило. Тоа го дели приземјето на две половини: западна, со симетричен план, ходник и две соби, и источна – со гардероба, кујна и магацин. Катот има композиција во форма на буквата Г, односно со „чупка“. И катот е поделен на два станбени дела од скалилото што води кон чардакот со ќошкот. Во една од собите, на западната страна, има камин и касетиран таван. Дрвените тавани, дело на дебарски мајстор, се обликувани со богати резбани композиции. Карактеристичен пример е собата кон чардакот – масивната резба на таванот е во форма на осумаголно огледало, симбол на небесната полусфера. Полето е исполнето со флорални мотиви, а во аголните полиња има штитови со претстава на двоглави орли. Источниот станбен дел е изграден во XIX в. Околу 70-тите години на векот, во салонот на ова крило било сместено елинското училиште во градот.

Куќата на Тонче Кадинмостки

Се наоѓа во источниот дел на градот, во маалото „Аџундар“, на главната ул. „Цар Освободител“ бр. 191

Куќата му припаѓала на Тонче Кадинмостки – знаменосец во четата на Илјо Војвода. Изградена е во 30-тите години на XIX в. Зградата е двокатна – сутерен и кат со симетрична композиција на салонот и двете соби. Чардакот со ќошкот е отворен кон исток. Ѕидот на една од собите има долапи со табли, ниши „ала франга“ и декоративен таван во форма на сонце. Видливата естетика и чувството на пријатност и топлина се постигнати и преку спојот на вратите со табли, стилските прозорци, парапетите и архитектонските елементи на колоните.

Границката куќа

Се наоѓа на ул. „Трговска“ бр. 11, во старото преродбенско маало
Куќата му припаѓала на Христо Границки, имотен ќустендилски трговец. Според планско-композициското решение на градбата, организацијата на фасадата и целокупниот архитектонски стил, таа потекнува од средината на XIX в. Во партерниот дел на куќата има дуќан, а на катот – декоративен таван. Меѓу Лекарската и Границката куќа се отвора дворен простор.

Мајорската куќа

Сместена е во централниот дел на градот, во маалото „Кајнарлак“ /дн. бул. „Цар Освободител“ бр. 83/.
Мајорската куќа е од 1870 г. Во неа живеел мајорот Јосиф Ангелов /1857 – 1913/. Се одликува со богато украсена фасада, свртена кон дворот. Влезот е во форма на ниша од две гранитни колони и лак. Над застаклениот ќошк се гледа убав фронтон во форма на кобилица. Во просторно-композициска смисла, куќата има полувкопано приземје и кат со една оска на симетрија. Ќошкот на катот е подигнат 50 см над подот на салонот и е одделен со низок парапет од штици. Југоисточната соба има вградени долапи „ала франга“ и дрворезбан таван со касетирано осумаголно огледало.